За 12 часа Противпожарната единица на Тетово интервенирала за гаснење на 15 пожари. Огнените стихии успеале да ги стават под контрола со камиони од 1968 година. Пожарникарите од Тетово располагаат со 8 камиони за гаснење пожари, кои се честа појава, особено во текот на летото кога мора да покриваат 5 рурални општини. Најновиот камион е набавен во 2009 година, а најстариот пак датира уште од далечната 1968-ма.
„Од возилата со кои располагаме како Противпожарна единица во Тетово, можам да кажам дека просечната старост на овие противпожарни возила кои ги опслужуваат граѓаните на Тетово и 5-те рурални општини – Теарце, Брвеница, Боговиње, Желино и Јегуновце, е над 30 години. Најстарото возило во автопаркот на Територијалната противпожарна единица Тетово е од 68-та и 72-ра година“, вели Ука Алити.
Според Алити, вчера најголем број пожари биле регистрирани во Брвеница, а една од загрозените општини е Желино, бидејќи се наоѓа на територијата на Сува гора.
„Само во текот на вчерашниот ден имавме над 15 интервенции, велам 15 бидејќи толку имаме регистрирано во целиот Полошки регион. Од наша страна беа извршени успешно бидејќи ги елиминиравме и локализиравме пожарите што се појавија во Полошкиот регион“, додава Ука Алити.
Првиот човек на Брвеница, Енвер Пајазити, вели дека во општината имаат на располагање цистерна која ја користат за гаснење пожари, но доколку ситуацијата ескалира, како што беше случајот вчера, тогаш како што објаснува, бараат помош од пожарникарите во Тетово и Центарот за управување со кризи.
„Пожарот се ширеше во три правци, кон селото Стенче, Волковија, Теново и Радиовце, но благодарејќи на интервенцијата на Кризниот штаб на о.Брвеница која ги активизираше вработените на Јавното претпријатие со цистерната и багерот, потоа во помош ни излегоа и пожарникарите од Тетово на чело со г.Алити, успеавме да го локализираме, но одвреме-навреме поради ветерот пожарот се ширеше од едно кон друго жариште. До 23 часот успеавме да го локализираме и сѐ беше под контрола“, посочи Енвер Пајазити.
Во Полошкиот регион само Тетово и Гостивар имаат противпожарна единица, а руралните општини иако имаат пожарникари доброволци, обучени и лиценцирани, ниту една од нив нема своја единица. Сепак, месните заедници имаат противпожарни камиони кои главно ги набавиле печалбарите.
