Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган смета дека ОН треба да го укинат правото на вето во Советот за безбедност и дека пандемијата на КОВИД-19, енергетската криза, нарушувањата во синџирите на снабдување и регионалните конфликти покажале дека „препуштањето на решавањето на глобалните кризи на волјата на неколку престолнини“ повеќе не е во согласност со реалноста.
„Прилагодувањето на глобалните механизми за донесување одлуки на современите околности повеќе не може да се одложува. Советот за безбедност на Обединетите нации сè уште ја одразува структурата од периодот по Втората светска војна. Станува неопходен поефикасен, поправеден и поодговорен пристап кон застапеноста. Тоа бара не само проширување на застапеноста, туку и праведна распределба на раководните одговорности“, истакна Ердоган во колумна за „Блумберг“.
Ердоган додаде дека „искуството, капацитетот и волјата на различните региони“ треба да бидат вклучени во напорите за решавање на глобалните и регионалните предизвици.
„Неопходно е барањето за реформи да се претвори во конкретна патека. Во центарот на оваа патека треба да биде укинувањето на привилегијата на ветото“, смета турскиот претседател.
Според неговиот предлог, Советот за безбедност повеќе не би имал постојани членки, туку сите членови на ова тело би биле избирани од Генералното собрание на определен мандат. Земјите кои би сакале нов мандат повторно би требало да ја обезбедат поддршката од мнозинството членки на ОН.
Ердоган смета дека само зголемувањето на бројот на постојани членки не би го решило основниот проблем, бидејќи моќта за донесување одлуки би останала концентрирана во рацете на ограничен број држави.
