Есента во земјава и на северната хемисфера ќе започне вечерва во 02:05 часот по полноќ. Во исто време, на јужната хемисфера на Земјата ќе започне пролетта.
Првиот ден од есента е 266-тиот ден во годината и ќе трае 12 часа и 7 минути. Во Скопје, сонцето ќе изгрее во 06:22 часот, а ќе зајде во 18:30 часот. До крајот на годината остануваат уште 99 дена.
Преминот во новото годишно време се одбележува со есенската рамноденица – моментот кога Сонцето, гледано од Земјата, го преминува небесниот екватор и продолжува со своето привидно движење кон јужната хемисфера. По есенската рамноденица, северната хемисфера влегува во период на постепено скратување на деновите и продолжување на ноќите. Овој тренд продолжува до зимската краткоденица во декември.
Есента годинава ќе трае до 21 декември во 14:50 часот, кога календарски започнува зимата.
На првиот ден од есента, според метеоролозите, утрото ќе биде ведро и постудено, а потоа времето ќе биде сончево, со мала до умерена локална облачност. Максималната температура ќе достигне до 23 степени Целзиусови.
