150 електрични автобуси и 75 полначи за 59,9 милиони евра – договорот е потпишан, Скопје приоритет при распределбата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата обезбеди 150 нови електрични автобуси и 75 полначи, со вкупна вредност од 59,9 милиони евра, соопшти Министерството за транспорт, од каде додаваат дека инвестицијата има цел да го намали загадувањето на воздухот, да го олесни сообраќајот и да го подобри јавниот превоз во Скопје и во останатите општини.

„Сакаме да истакнеме дека автобусите се со стандардна опрема, со автоматски регулиран клима-уред за ладење и греење, максимална моќност од најмалку 350 kW на електричниот мотор, екрани за прикажување на станиците и бројот на линиите, со 3 врати, платформа за лица со попреченост, со најсовремени системи за сопирање и безбедност, како и со стандарден капацитет со кој целосно се задоволуваат потребите за превоз на патници, согласно европската директива 2018/858 и во согласност со стандардите ISO 15118.“, вели Министерството за транспорт

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека постапката за набавка на новите автобуси е завршена и договорот е потпишан, а рокот за нивна испорака е во тек. Тој додаде дека главниот град ќе има приоритет при распределбата на возилата.

„Во постојана комуникација сме со ЕВН и со сите екипи, а екипите веќе излегоа на терен за да работат. Кога ќе пристигне првата тура автобуси, ќе бидеме подготвени со инфраструктурата. На некои места има стара мрежа која не може да го издржи капацитетот и затоа започнуваме со реконструкција на мрежата. На некои места ќе треба да се постават трафостаници за да може системот да функционира. Работиме на три точки: новата железничка станица, Автокоманда и Ѓорче Петров.“, вели Орце Ѓорѓиевски.

На ова реагираше опозициската СДСМ, која тврди дека условите на тендерот биле променети и дека новите автобуси ќе имаат помал капацитет. Според СДСМ, првично се барале автобуси со капацитет од 76 патници, додека во подоцнежните постапки условот бил намален на 66 патници. Од опозицијата, исто така, тврдат дека биле одбиени две поевтини понуди и дека постапката била повторена трипати. СДСМ бара Јавното обвинителство да ја истражи тендерската постапка.