Булеварот „Цветан Димов“ во Чаир се очекува да влезе во тендерска постапка до крајот на оваа година, информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Тој рече дека во моментов се работи на завршување на проектната документација, која потоа ќе им биде презентирана и на граѓаните.
„Верувам дека таму ќе имаме силен интензитет, како што имаме на улицата „Косовско-македонска бригада“, која е паралелна улица со „Цветан Димов“. Таму, доколку имате можност вие од медиумите, овие денови официјално ќе излеземе на терен со колегата Меџити. Таму имаме сериозно движење, започна проширувањето на трасата, започна сериозна изградба на тој капитален проект. И доколку не сум го ветил во мојата предизборна програма, очекувам да се навратам на „Цветан Димов“, да ја завршиме проектната документација, ќе го презентираме ова пред јавноста, за да се види“, вели Орце Ѓорѓиевски.
Запрашан и за пешачкиот премин во близина на Бит Пазар, Ѓорѓиевски изјави дека Градот Скопје подготвува проект во соработка со СВР Скопје и дека наскоро се очекуваат конкретни мерки.
„Проектот од секторот за сообраќај при Градот Скопје се подготвува, во соработка со СВР Скопје, и наскоро ќе има активности“, вели Орце Ѓорѓиевски.
Инаку, затворен е мостот што граѓаните го користеа за преминување, додека другиот пешачки премин се наоѓа околу 300 метри подалеку.
Што се однесува до булеварот „Цветан Димов“, проектот е предвидено да се реализира на делницата од крстосницата со улицата „Никола Карев“ до крстосницата со улицата „Џон Кенеди“, со вредност од 150 милиони денари и рок за реализација од 2026 до 2028 година.
Во овој период треба да се решат неколку прашања: да се изработи проектот, да се изврши експропријација на објектите, да се зачуваат дрвјата, како и план за централното зеленило.
