16-годишно девојче најмлада пациентка во Скопје – 2.704 нови случаи во изминатава недела, вкупно над 6 илјади активни случаи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

16-годишно девојче од Тетово е најмладата хоспитализирана пациентка на Клиниката за заразни болести во Скопје. Таа е во тешка здравствена состојба, вели директорката на болницата, Милена Стевановиќ.

„Таа има 16 години и развива една тешка ковид-презентација. Во моментов немаме сознанија дека има хронички болести“, истакна Милена Стевановиќ.

Во меѓувреме, Државниот санитарен и здравствен инспекторат отвори постапка за утврдување на начинот на кој е третирано 17-годишното девојче од селото Сопотница, Демир Хисар, која почина на клиниката. Таа почнала да се лекува кај својот матичен лекар во Демир Хисар, потоа била хоспитализирана во Битола, а битката ја изгуби во Скопје. И  36-годишна пацинентка  синоќа починала од ковид-19 во велешката болница.

„36-годишната пациентка во болницата била донесена на 23 октомври, а на 28 октомври е регистрирано дека е позитивна на коронавирусот и не била имунизирана за заштита од коронавирус. Пациентката која беше хоспитализирана седум дена, имаше коморбидитети, церебрална парализа, неподвижна со параплегија и епилепсија“, велат од МЗ.

Лекарката Лилија Чолакова вели дека не треба да се шири паника меѓу населението. Таа не очекува влошување на состојбата со Ковид-19, бидејќи значителен број граѓани веќе го прележале вирусот, а друг дел се вакцинирани.

Бројот на новозаразени во претходната недела бележи пораст.  Според податоците на здравствените власти, во моментов има 6.191 активни ковид-случаи, а бројот на починати од почетокот на пандемијата достигна до 7072.

Изминатава недела се регистрирани 2.704 нови позитивни случаи во 33 градови со пораст од 22.6% во споредба со претходната недела. Пријавени се 124 смртни случаи, од кои 78% не биле имунизирани, односно 97 жртви биле невакцинирани, а само 27 од починатите биле вакцинирани со две дози.