Сулејмани и Мендони ја посетија црквата „Св.Ѓорѓи“ во Курбиново: Конзервацијата на вредниот фрескоживопис – пример за успешна македонско-грчка соработка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, и министерката за култура на Грција, Лина Мендони, ја посетија црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, каде што се запознаа со резултатите од завршената конзервација на вредниот фрескоживопис на црквата.

„Присуството на грчката министерка за култура во Курбиново има особено значење, имајќи ја предвид успешната соработка меѓу институциите од двете земји, особено придонесот на грчките експерти во реализацијата на конзерваторските активности. Конзервацијата е реализирана со стручна поддршка од експерти од Грција, ангажирани врз основа на Меморандумот за соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици, во соработка со експерти од Националната установа Завод и музеј – Битола“, соопштија од Министерството за култура и туризам.

На министерката Мендони ѝ биле презентирани значењето и вредностите на црквата „Св. Ѓорѓи“, како и културните и природните вредности на Преспанскиот Регион и значењето на ова наследство за унапредување на соработката и поврзувањето меѓу двете земји.

Министерот Сулејмани, истакнувајќи ја успешната соработка меѓу институциите и стручните лица од двете земји, посочил дека завршената конзервација на фрескоживописот во Курбиново претставува конкретен резултат од размената на знаења, искуства и експертиза. Тој ја нагласи и важноста на присуството на министерката Мендони, како потврда за посветеноста на двете земји кон натамошно унапредување на соработката во областа на културата и заштитата на културното наследство.

Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново е значаен споменик на средновековното културно наследство и едно од највредните сведоштва на византиската уметност од XII век во земјава.