Петмина обвинители во трка за наследник на Ислам Абази во Обвинителството за организиран криминал

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За функцијата раководител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе се натпреваруваат петмина јавни обвинители со различно професионално искуство. Гласањето за избор на наследникот на Ислам Абази е закажано за 28 октомври, а обвинителите ќе гласаат непосредно и тајно.

Според официјалната кандидатска листа објавена од Советот на јавните обвинители, во трката се Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски.

Изборот се спроведува поради истекувањето на четиригодишниот мандат на Ислам Абази, кој беше избран за раководител на ова обвинителство во 2022 година.

Фатон Азизи од 2024 година работи во Обвинителството за организиран криминал, а бил ангажиран во предметите „Адитив“, „Ботокс“ и „ФФМ“. Како приоритети во програмата за раководење ги посочува зајакнувањето на истражните капацитети, финансиските истраги, дигиталната форензика и подобрата соработка меѓу институциите.

Трајче Пеливанов во моментов е обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје. Претходно работел во Специјалното јавно обвинителство, а во 2022 година привремено раководеше со Обвинителството за организиран криминал, по суспензијата на тогашната шефица Вилма Русковска. Тој го истакнува своето професионално искуство, додека програмата за раководење сè уште е во подготовка.

Лидија Раичевиќ е јавен обвинител од 2003 година, а во периодот од 2014 до 2018 година работела во Обвинителството за организиран криминал. Сега е дел од Основното јавно обвинителство Скопје.

Искра Хаџи Василева веќе работи во обвинителството за чие раководење конкурира. Меѓу предметите по кои постапува е и случајот против апелацискиот судија Ѓоко Ристов.

Петтиот кандидат, Јован Цветановски, е обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје и има повеќе од 25 години професионално искуство. Во јавноста е познат и по постапувањето поврзано со предметот „Мазут“.

Изборот на 28 октомври ќе покаже кој од петтемина кандидати ќе го преземе раководењето со обвинителството надлежно за гонење на организираниот криминал и корупцијата.