17-годишен голф играч од Италија е првата идентификувана жртва во пожарот во Швајцарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

47 лица загинаа, а 115 се повредени во пожар што избувна на новогодишната ноќ во бар во познатиот скијачки центар Кран-Монтана во југозападна Швајцарија.

Пожарот во барот „Ле Констелејшн“ избувнал во 1:30 часот наутро. Властите потврдија дека во барот имало луѓе од различни националности. Главниот регионален обвинител истакна дека властите го третираат случајот како пожар и дека е исклучена можноста за напад.

Италијанското Министерство за надворешни работи објави дека 16 италијански државјани се водат како исчезнати, а меѓу 12 и 15 се згрижени во болница. Девет француски државјани се повредени, а осум се уште се водат како исчезнати.

Првата жртва на пожарот е идентификувана како 17-годишниот италијански голфер Емануеле Галепини. 

Неговото име го објави Италијанската голф федерација, која соопшти дека жали за смртта на „млад спортист кој отелотворуваше страст и вистински вредности“.

„Во ова време на голема тага, нашите мисли се со неговото семејство и сите што го сакаа“, соопшти федерацијата.