19 вработени во Центар за јавно здравје – Скопје со договор на дело се отпуштени од работа, велат тие, додавајќи дека за оваа одлука не добиле никакво дополнително образложение.
-Денеска 19 вработени во Центарот за јавно здравје – Скопје со договор на дело бевме известени дека сме одјавени од работа без никакво дополнително образложение. Според информациите добиени од раководните структури, за да го задржиме работното место во оваа институција мора да продолжиме да работиме без плата. Во групата вработени има 19 лица кои работат во оваа институција повеќе од 4, 6 и 10 години-велат од Центарот за јавно здравје.
Директорот на ЦЈЗ, Бесим Зеќири за ТВ21 ја потврди информацијата. Вели дека на овие вработени им истекол договорот и дека не може да им биде продолжен поради тоа што сме во предизборие.
-Вработените беа известени дека ова ќе се случи поради истек на договорите. Истите не можат да бидат продолжени поради тоа што се распишани избори. Кај повеќето работници наидовме на разбирање-изјави Бесим Зеќири.
Групата вработени меѓу другото велат дека Центарот за јавно здравје има потреба од нивните услуги и дека не случајно работат во оваа институција повеќе од 10 години. Бараат што поскоро да им се регулира статусот.
