Првите два тендери на општина Тетово под раководство на Биљал Касами се за набавка на нови компјутери и друга технолошка опрема. Во базата на јавни набавки стои дека општината на 29 декември 2021 година објавила тендер за набавка на компјутери и принтери во вредност од 1 милион и 180 илјади денари. На 26-ти јануари 2022-ра пак, отворила уште еден тендер за набавка на софтвери и хардвери во вредност од 1 милион и 50 илјади денари.
Во првиот тендер општината купила вкупно 22 компјутери, 15 хард-дискови и еден принтер. Но, она што привлекува внимание е тоа што само два компјутера општината ја чинеле 240 илјади денари со ДДВ или околу 3.900 евра, што значи дека за еден компјутер општината потрошила околу 1.950 евра. Двата други лаптопи чинеле над 171 илјада денари со ДДВ или 2.791 евро, па така математиките велат дека еден лаптоп чини 1.395 евра. Во јавните набавки е побарано дополнителните хард-дискови да не бидат помали од 240 ГБ.
Во вториот тендер пак, кој тежи 1 милион и 50 илјади денари, општина Тетово од компанијата која го добила тендерот побарала 27 надворешни и внатрешни безбедносни камери, како и монитори, три таблети и седум лаптопи.
Запрашани околу овие скапи уреди, од општината ни рекоа дека нарачаните компјутери ќе се користат за потребите на администрацијата.
-Постапката за примопредавање сѐ уште не е завршена. Оваа опрема ќе се користи за потребите на општинската администрација, велат од Општина Тетово.
Потсетуваме дека општина Тетово откажа два тендери – за чистење на улиците и набавка на сол, а сѐ уште нема објавено тендер за третман на кучињата скитници.
