2 години условна казна затвор за гинекологот Асани – продолжува судењето за вадењето органи на пациентка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од 2015 до 2020 гинекологот Мухамед Асани, екс директор на болницата во Струга вршел гинеколошки прегледи во неговата куќа во Струга без да поседува лиценца. Во текот на надзорот од Државниот санитарен инспекторат на 18 јануари 2021, констатирано е дека гинеколошката ординација била опремена со работна маса, кревет за пациенти, гинеколошка столица, подвижна маса со помошен материјал и друго. Од тогаш на Асани му е изречена забрана за вршење дејност во оваа нерегистрирана ординација.

Основен суд Струга го осуди гинекологот Мухамед Асани со условна казна од 2 години затвор, доколку осудениот во текот на 4 години не стори ново кривично дело.

Пациентката Јилдиз Веапоска рече дека и е мило што случајот се расветли.

Според информациите на судот, друга жена која сведочеше во судската сала, исто така во нерегистрираната домашна клиника на Асани, платила 4 или 5 илјади денари за земање брисеви по извршен преглед. А третиот сведок сведочеше дека Асани ја водел нејзината бременост во неговата домашна ординација. Таа изјави дека забележала дека  до домот имало натпис „Вила Мети“.

Ваквата одлука за докторот Мухамед Асани е донесена во декември 2022 година, а паралелно со ова продолжува судењето за случајот на Јилдиз Веапоска, на која и се извадени органи по породувањето. Првото рочиште се одржа пред неколку дена, додека следното е закажано за 10 март.