20 години навредливи текстови – што направи заменикот министер Албанец за учебникот по географија?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За 20 години никој не го коригираше контроверзниот текст во учебникот по географија, во кој се навредуваат Албанците. Учебникот е издаден во 2009, и одобрен од МОН во 2002. Потоа со години со МОН раководеа министри Албанци. И сега во ова Министерство, заменик министер е Албанец. Што направи Арафат Шабани за решавање на овој проблем? Тој вели дека заедно со министерката Царовска формирале комисија.

„Како сите други прашања во образование, јас од позиција на заменик министер заедно со министерката, уште од почеток сме во оваа процедура и заедно во рамки на законот и подзаконските процедури ја формиравме комисијата. Комисијата започна со работа, се надевам дека многу брзо ќе излезе со препораки за Министерството да донесе одлуки. Јас како заменик министер од почетокот сум вклучен во решавање на проблемот.“, вели Арафат Шабани.

За проблемот со учебникот по географија, првиот вицепремиер Артан Груби,пред неколку недели оствари средба со министерката Царовска и екс министерот за образование, Арбр Адеми. Тие преку допис рекоа дека се согласиле да се коригираат нерегуларностите.

„Се согласивме согласно законот за учебници за основно и средно образование, да се разгледаат и коригираат нерегуларностите и неправдите во сите четива почнувајќи веднаш од учебникот по географија за втора година во средните училишта.“, изјави Груби.

Но, зошто на оваа средба не бил присутен и Арафат Шабани туку екс министерот за образование Арбр Адеми?

„Министерката, ставовите на Министерството на највисоко ниво ги координираше работите со вицепремиерот. За прашањето што ми го поставивте, зошто актуелниот пратеник бил таму, треба да му се обратите на пратеникот во какво својство бил тој таму.“, рече Шабани.

Комисијата која е формирана за ревидирање на четивото по географија, ќе направи ревизија, рецензија и потоа ќе дадат препораки за решавање на овој проблем и врз нивна основа министерката Царовска ќе донесе одлука.