Со неколку снимени видео моменти од конфликтот во 2001 и со оддавање почит на потписниците кои веќе не се меѓу нас, започна централната манифестација по повод 20-годишнината од Охридскиот договор. Договорот треба да биде предност, а не пречка за развој на нашата земја, рече Претседателот, Стево Пендаровски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери кој пред присутните се обрати на албански јазик, рече дека ова е знак дека има на што да сме горди.
„Ова што ви се обраќам на албански јазик е реалност и знак дека има на што да сме горди, но никако не треба да сметаме дека ја завршиме домашната задача, бидејќи, како што вели мотото на самата манифестација – ПО ОХРИД, процесот продолжува“, посочува Талат Џафери.
Премиерот Зоран Заев, рече дека Охридскиот договор испратил порака за разбирање, меѓусебно простување меѓу Македонците, Албанците и сите други граѓани во земјава.
Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети потсети на периодот од конфликтот и патот до Охридскиот договор.
„Не беше лесно ниту за мене, ниту за соборците, бидејќи оваа држава беше прогласена за оаза на мирот и поради албанските претставници дотогаш кои не успеаја значително да ја убедат меѓународната заедница работите да одат подобро и да се унапредуваат“, вели Али Ахмети.
Домаќин на првата панел-дебата беше вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби, кој по говорот на премиерот откри што му кажал првиот интегративец, Али Ахмети откако го прашал Заев – дали би го потпишал договорот кога би бил премиер во тоа време?
„На моето прашање дали да беше г-нот Заев во 2001 година ќе го потпишеше Рамковниот договор, Али Ахмети ми шепна: Да беше Заев во 2001 година, немаше да се случи 2001 година!“, посочи Артан Груби.
Охридскиот договор стави крај на вооружениот конфликт во 2001 година во Македонија. Потписници се тогашниот Претседател Борис Трајковски, премиерот Љупчо Георгиевски, лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери.
