Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ги појасни реакциите во јавноста по нејзината изјава дека првачињата треба да имаат братче или сестриче.
Јаневска нагласи дека одлуката дали едно семејство ќе има деца е лична одлука на секој пар и дека таа мора да се почитува.
„Јас сум сосема свесна дека тоа е лична одлука и ние сите треба да ја почитуваме одлуката на парот кој решава да има или да нема деца. Со таа изјава сакав само да потенцирам дека ситуацијата е алармантна“, рече Јаневска во интервју за Сител телевизија.
Таа појасни дека немала намера никого да навреди, ниту да влијае врз личните одлуки на граѓаните, туку сакала да укаже на сериозниот демографски пад со кој се соочува државата.
„148 училишта се затворени, околу 400 паралелки се намалени. Алармантна е ситуацијата“, истакна министерката.
Според неа, граѓаните треба да бидат свесни за демографските предизвици, а институциите заеднички да работат на подобрување на условите за живот, намалување на иселувањето и стабилизирање на демографскиот пад.
Јаневска додаде дека Владата и министерствата работат на различни проекти со цел да се подобрат условите за живот, граѓаните да останат во земјата и да можат да изградат пристоен и модерен живот.
