3 илјади ученици помалку во прво одделение – според владата причина е наталитетот, а за опозицијата иселувањето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новата учебна година започна со 3 илјади деца помалку запишани во прво одделение, со 433 паралелки помалку и со 26 затворени подрачни училишта.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека 90 отсто од проблемот е демографски, односно се должи на намалувањето на наталитетот.

„Сето ова што се случуваше систематски влијаеше од година во година, да имаме од 700-800, дури и од 1.000 деца помалку родени во нашите болници. За ова зборував пред две години, кога една мала група ми се потсмеваше со различни клипови, ме омаловажуваа дека сум заостанат и ретрограден. Ова се случува во сите етнички заедници. Кога ќе го видат тоа во практика, велат дека тоа е предизвик за сите нас и ќе биде!“, порача Христијан Мицкоски.

Но, лидерот на опозицијата, Венко Филипче, рече дека намалувањето падот на бројот на првачиња се случува поради тоа што родителите се иселуваат во странство.

„Што се случи со тие луѓе, со тие семејства? Секако дека не, дека ова не е само резултат на внатрешните демографски движења, туку тие луѓе едноставно се иселиле! Зошто? Затоа што не ја гледаат иднината во земјата! Гледаат дека нема мерки, ништо не се случува, нема напредок, нема добри економски политики, немаат поддршка за граѓаните, особено за нововенчаните брачни парови и нормално, луѓето ја гледаат иднината надвор од државата.“, вели Венко Филипче.

Оваа учебна година ја започнаа околу 174 илјади ученици во основното образование и 64 илјади во средното образование.

Во прво одделение се запишани околу 14 илјади и 500 првачиња.

Министерката за образование Весна Јаневска изјави дека ниту еден наставник вработен на неопределено време не е отпуштен од работа.

Во меѓувреме, во поголем број училишта е воведена настава во една смена, додека од март 2027 година е најавено и зголемување на платите во образованието од 7,5 до 10 проценти.