Бремената 22-годишна пациентка која почина во ГОБ „8 Септември“ имала нерегулиран дијабетес и проблеми со тироидната жлезда. Утрото на 23 ноември ја примиле во Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) со висока гликемија од околу 30, а претходно, ноќта на 22 ноември, двапати доаѓала но одбивала да биде хоспитализирана, велат од гинеколошко-акушерската клиника.
Иако и било кажано дека е ризично за неа и за бебето, одбивала хоспитализација во делот за ковид-пациенти, се почувствувала подобро по примената инфузија, за следниот ден повторно да дојде на Клиниката во многу лоша состојба.
„Пациентката одбила хоспитализација, примила инфузија, се чувствувала подобро, се потпишала и си заминала. Повторно е вратена на Клиника околу 23 часот меѓутоа повторно одбила да остане поради тоа што требало да биде хоспитализирана во делот кадешто се хоспитализираат ковид пациентки, а таа имала негативен тест. Лабораторијата и клиниката укажуваа на тоа дека таа е ковид позитивна. Тие кои се пациентки со симптоми ги третираме како суспектни и ги ставаме во делот на ковид, но не кај позитивните туку со суспектните пациентки, меѓутоа пациентката повторно одбила, а кога се вратила на 23 утрото веќе била со мртов плод и со многу влошена лабораторија“, истакнуваат од ГАК.
Била префрлена во шок-соба и наредниот ден (24 ноември) со царски рез ја породиле. Плодот бил мртов од 4,3 килограми. Бременоста и била прва, но не одела редовно на контроли, а и дијабетесот зависен од инсулин не бил регулиран. Додека била на ГАК била третирана мултидисциплинарно – од ендокринололог, гинеколог и трансфузиолог.
Немала класични симптоми на вирусот, како температура и кашлање, но имала гастринтестинални тегоби – нагони на повраќање и дијареја. Направен и е ПЦР-тест кој покажал дека е позитивна. На 26 ноември, 22-годишната родилка била префрлена во ГОБ „8 Септември“ каде што вчера почина.
На новинарско прашање дали имало траги од семејно насилство бидејќи дошла со крвавење од слузници, од ГАК велат дека пациентката и семејството биле прашани и негирале, а додаваат и дека крвавењето може да е и поради состојбата во која била – покачени Д-димери, нарушена коагулација и абрупција на постелката.
Од ГАК соопштуваат дека во ковид-одделот на ГАК досега хоспитализирале околу 310 пациентки од кои околу 180 се породени на Клиниката. Мал дел од нив завршиле во ковид-центрите. Бремените пациентки, рече Јовановска, обично имаат полесни симптоми доколку се контролирани и ако се јавуваат навреме на лекар.
„Апелираме до сите трудници да ги слушаат советите на докторите. Во овој случај, најверојатно немаше да зборуваме за ваков исход, и за бебето, и за мајката, доколку пациентката го послушала советот на дежурната екипа. Тие ја молеле да остане, дури и семејството, и не успеале“, велат од ГАК.
