Сè потешко станува покривањето на основните трошоци за живот во Европа, а домувањето е еден од најголемите финансиски предизвици за милиони домаќинства. Кириите, станбените кредити и сметките за струја, вода и греење одземаат значителен дел од месечните примања, поради што повеќе од 34 милиони жители на Европската Унија издвојуваат над 40 проценти од расположливиот приход за својот дом.
Според најновите податоци на Евростат за 2025 година, просечната стапка на прекумерно оптоварување со трошоците за домување во ЕУ изнесува 7,7 проценти. Најнеповолна е состојбата во Грција, каде што дури 26,4 проценти од населението живее во домаќинства што издвојуваат повеќе од 40 проценти од приходите за станбени и комунални трошоци, објави „Еуроњуз“.
По Грција, највисока стапка меѓу земјите членки има Данска со 14,7 проценти. Следуваат Германија со 11,2 проценти и Шведска со 10,8 проценти. Над европскиот просек се и Естонија со 8,8 проценти, Чешка со 8,2 и Луксембург со 8,1 процент.
Особено високи стапки се забележуваат и надвор од Европската Унија. Во Швајцарија 15,3 проценти од населението издвојува повеќе од 40 проценти од расположливите приходи за домување, додека во Норвешка уделот изнесува 13,5 проценти.
Меѓу земјите кандидати за членство во ЕУ, Турција има стапка од 10 проценти, Црна Гора 8,7, а Србија 7,9 проценти.
На спротивниот крај на листата е Кипар, каде што само 2,4 проценти од населението се соочува со ваков финансиски товар. Релативно ниски стапки имаат и Хрватска со 3,2 проценти, како и Словенија и Словачка со по 3,5 проценти.
Разлики има и меѓу најголемите европски економии. Шпанија бележи стапка од 7,2 проценти, Франција 6,4, а Италија 5 проценти, што е под просекот на ЕУ. Германија, пак, со 11,2 проценти е меѓу земјите каде што граѓаните се соочуваат со поголем притисок од трошоците за домување.
Цените на недвижностите пораснале за 69 проценти од 2015 година
Една од главните причини за ваквата состојба е несразмерниот раст на цените на недвижностите и кириите во однос на приходите на домаќинствата.
Податоците на Евростат покажуваат дека цените на станбените недвижности во Европската Унија се зголемиле во просек за 69 проценти од 2015 година до вториот квартал на 2026 година. Во одредени земји поскапувањето е уште поизразено, а дополнителен товар претставуваат зголемените трошоци за електрична енергија и останатите комунални услуги.
Експертите предупредуваат дека најпогодени се домаќинствата со пониски приходи, бидејќи нивните примања не го следат темпото со кое растат цените на становите, кириите и сметките.
Финансискиот товар зависи и од тоа дали граѓаните живеат во сопствен или изнајмен стан, од висината на социјалната помош, економската состојба и општите трошоци за живот во одделните земји.
Дополнителен притисок во наредниот период може да предизвика и евентуалното ново поскапување на енергијата, кое би се одразило врз сметките на домаќинствата и вкупните трошоци за домување.
Според оценките на Европскиот совет, Европа се соочува со станбена криза, поттикната од растот на цените на недвижностите и зголемените трошоци за живеење, проблем кој сè повеќе го отежнува пристапот до пристојно и финансиски достапно домување.
