Рамковниот договор и по 24 години од неговото потпишување останува да биде синоним за тоа како на мирен начин да се заврши конфликтот и да се сврти кон градење на иднината. Токму на 13 август 2001 година во Охрид тогашните лидери на 4-те најголеми партии Љупчо Георгиевски на ВМРО-ДПМНЕ, Бранко Црвенковски на СДСМ, Арбен Џафери на ДПА и Имер Имери на ПДП ги ставија своите потписи на мировниот Охридски договори како и гарантите на тој договор поранешниот претседател Борис Трајковски и меѓународните посредници Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. На свеченото обраќање во Владата, премиерот Христијан Мицкоски рече дека овој договор е потврда за храброста на тогашните лидери кои не сакаа поделби и донесоа мир.
„Денес 24 години по потпишување на Рамковниот договор стоиме овде не само да се потсетиме на еден историски датум туку да се потсетиме на една длабока вистина дека државата ја имаме само ако ја чуваме заедно. Рамковниот договор не е само лист хартија, тој е симбол на зрелост на храброст и на мудрост. Тој е потсетник дека колку и да се разликуваме по јазик, вера, култура или етничка припадност сите ние делиме, една историја и една заедничка иднина“, порача Христијан Мицкоски.
Вицепремиерот Изет Меџити рече дека Охридскиот договор не беше само мировен договор, туку и темел за нов пристап на градење на државата.
„Охридскиот договор не е само сеќавање, тој е жив процес кој секојдневно треба да се претвора во правични закони, инклузивни политики и институции кои му служат на граѓанинот со чесност. Да го чуваме овој договор како наш политички и морален бисер, да продолжиме да го спроведуваме со посветеност и визија, зашто само така нашиот заеднички дом, Северна Македонија може да биде правична еднаква и просперитетна држава за сите“, вели Изет Меџити.
Со видеообраќање се јави и лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој рече дека придонесот на Албанците низ години резултирал со добри меѓуетнички и меѓусоседски односи.
„Ние се обединуваме, како никогаш порано, фаќајќи се за корените, а не за гранките, не како слуги и кираџии, туку горди и посветени да одговориме на гласното народно барање за национално достоинство, денес или никогаш. Да се собереме млади и возрасни, мажи и жени, четврт век од Охридскиот договор да не најде исправени и горди“, вели Али Ахмети.
Со потпишувањето на Охридскиот договор се стави крај на седуммесечниот конфликт во 2001 година, а потоа тој преку амандманите стана и дел од Уставот на Македонија.
