24 пожари на отворено за едно деноноќие, седум сè уште активни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во текот на изминатото деноноќие во земјава се регистрирани вкупно 24 пожари на отворен простор, од кои седум и натаму се активни, еден е ставен под контрола, а 16 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според информацијата, активни пожари има во седум општини. Во Ресен гори борова шума и ниска вегетација на потегот меѓу селата Бела Црква и Подмочани.

Пожар е активен и на подрачјето на Сарај, меѓу селата Копаница и Радуша, каде што е зафатена нискостеблеста шума и ниска вегетација. Над селото Палиград, во Општина Зелениково, огнот зафатил мешана шума.

Во Општина Чашка, над селото Нежилово, во месноста Сватови, гори ниска вегетација и поединечни дрвја. Активен пожар има и во селото Урвич во Општина Боговиње, каде што е зафатена нискостеблеста вегетација.

На подрачјето на Врапчиште, во селото Градец, гори борова шума, додека во Општина Македонски Брод, кај селото Драгов Дол, пожарот зафатил ниска вегетација и шума.

Еден пожар е ставен под контрола на подрачјето на Општините Гостивар и Македонски Брод. Огнената линија се протега кај селото Трново во Гостиварско, во правец кон селата Битово, Заград и Страјане во Македонски Брод. Зафатени се нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.

Во истото деноноќие се регистрирани и 16 целосно изгаснати пожари. Тие биле пријавени на подрачјата на Илинден, Ѓорче Петров, Прилеп, Долнени, Ресен, Богданци, Струга, Делчево, Старо Нагоричане, Јегуновце, Тетово, Брвеница, Врапчиште и Маврово-Ростуште.

ЦУК ја објави информацијата за состојбата со пожарите заклучно со 07:30 часот на 31 август 2026 година.