Победата на Студентската листа на парламентарните избори во Србија и признавањето на поразот од страна на Александар Вучиќ се најдоа на насловните страници на водечките германски медиуми, кои изборниот исход го оценија како историски политички пресврт.
Како што пренесува „Дојче веле“, германскиот јавен сервис АРД објавил повеќе прилози за изборите, а веста за Србија била прва во вечерниот дневник.
„Сензација во Србија – Вучиќ го призна поразот“, гласел насловот на порталот „Тагесшау“, додека водителот на АРД зборувал за „историска вечер“ во Белград.
Германските новинари посочуваат дека победата ја извојувало студентското движење произлезено од протестите против корупцијата и непотизмот, кое успеало да обедини различни политички и општествени групи.
Сепак, АРД нагласува дека пред победниците претстои огромен предизвик, бидејќи сè уште има неодговорени прашања за составот и програмата на идната влада.
Јавниот сервис ЗДФ ја истакнал високата излезност, вклучително и гласањето на српската дијаспора, како и спонтаните прослави на улиците во Белград и другите градови. Според ЗДФ, Европската Унија во изборниот резултат гледа можност за нов почеток во Србија.
Германскиот таблоид „Билд“ објавил наслов „Пријателот на Путин, Вучиќ, ги загуби изборите во Србија“, додека магазинот „Шпигел“ го опишал Вучиќ како „долгогодишен автократ“.
„Зидојче цајтунг“ победата на Студентската листа ја нарекол сензационална, нагласувајќи дека владејачката Српска напредна странка претрпела пораз и покрај бројните извештаи за притисоци, насилство и изборни манипулации.
Берлински „Велт“, пак, оценил дека изборите претставувале своевиден референдум за начинот на кој Вучиќ управувал со Србија.
Германските медиуми заклучуваат дека, иако изборната победа означува голема политичка промена, Студентската листа сега се соочува со сложена задача – формирање влада, спроведување реформи и исполнување на очекувањата на граѓаните.
