Со трактори и земјоделска механизација низ улиците, производителите од Струмичко денеска повторно побараа повисока цена за својот род.
Протестот во центарот на Струмица е поради незадоволството на земјоделците од откупната цена од 25 денари за килограм куртовска капија, наменета за конзервната и преработувачката индустрија.
Тие велат дека цената не ги покрива производствените трошоци, особено затоа што лани првата и втората класа се откупувале по 35 и 40 денари, додека годинава трошоците се повисоки и има штети од елементарни непогоди.
„Да се направи исправка на цената. Тие моментални цени што се, сега што се откупува „куртовска капија“ се многу слаби. Тоа е дефинитивно само за земјоделецот да си ги покрие трошоците. Заработка, цела зима значи, нови репроматеријали, на ново да почне да работи нема да може. Плус од самото невреме од ветриштата што беа, што го погоди тука комплетно, тоа не беше ветер, тоа беше ураган со 100 километри на час, пластениците се некаде да кажам 40 до 50% уништени“, вели земјоделец.
По три дена протести во Муртино, Робово и Струмица, земјоделците велат дека спорот за откупната цена останува нерешен. За производителите, проблемот не е само во актуелната цена, туку и во тоа дали со вакви услови воопшто може да се продолжи со земјоделското производство.
„Барањата се да се корегира цената. Дека со таа цена не се опстанува. На 25 денари, фабриката што откупува тоа е жално и греота. А, горе-доле, ние сме последните, еве на 50 години веќе сме ние, по нас некои млади тешко да останат тука за таа работа да ја работат“.
„Како што беше, прва – втора беше 40 – 45 беше лани. Што се намали сега за да се намали цената? Се ни се покачи на нас. Нема ништо намалено. Тоа е, очекуваме барем тие ланските цени да бидат“.
„Министерот вчера на средбата вети дека ќе преземе нешто за цените да ги зголеми. Ако не се преземе нешто до понеделник, ние ќе одржиме уште помасовни протести на повеќе места се додека нема резултат.“.
Покрај повисока откупна цена, земјоделците бараат и исплата на субвенциите, додека министерот за земјоделство Борче Серафимовски одржа средба со производителите и откупувачите и порача дека цената ја диктира пазарот, но откупот мора да биде законски и транспарентен.
Доколку не се постигне цена со која ќе ги покријат производствените трошоци, земјоделците најавуваат нови протести и блокади од вторник.
