25-годишно момче го изгуби животот на градилиште – Инспекторат: Работодавачот не презел мерки за заштита на работниците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На ова место загина 25 годишно момче, по добиени тешки повреди на работно место. Настанот се случил во скопски Карпош, а за случајот информираше Министерството за внатрешни работи. Смртта на младото момче ја потврдија и од Општата градска болница „Св. Наум Охридски“.

На ова место вчера почина 25-годишно момче како последица на повреди со кои се здобило при извршување на работните задачи“, вели репортерката на ТВ21.

Од Државниот инспекторат за труд велат дека по извршениот надзор на местото на настанот, констатирано е дека работодавачот не ги презел соодветните мерки за заштита на работникот.

Од страна на Државниот инспекторат за труд извршен е вонреден инспекциски надзор и утврдено е дека работодавачот не ги презел мерките од областа на безбедност и здравје при работа со што го довел работникот во непосредна опасност при извршување на работните задачи – армирачко бетонски работи на ѕидот од подземната гаража. Поради постоење на непосредна опасност по животот и здравјето на вработените Државниот инспекторат за труд донесе решение за забрана за вршење на работа на градилиштето“, вели ДИЦ.

Од Инспекторатот велат дека инспекцискиот надзор ќе продолжи и во наредните денови со увид во доставената документација од страна на работодавачот по што ќе следи утврдување на целосната фактичка состојба и преземање соодветни мерки согласно законската регулатива.

Инаку, одговор побаравме и од инвеститорот „Капитол“ –  дали момчето имало заштитна опрема, но до ова информативно издание не добивме одговор.

Според статистиките на Инспекторатот, во 2023 година на работно место животот го загубиле 17, а во 2022 година – 12 лица.