Родителите на ученици кои вршат насилство во училиште ќе се соочат со казна од 250 евра, според новите измени што се подготвуваат во Законот за основно образование, соопшти министерката Весна Јаневска.
-Секретарката на државата е во постојан контакт со пратениците и мислам дека во овој момент тие се во Собранието за да ги финализираат тие предлози и таа одлука веќе е донесена, тие измени ќе се направат и казната од 250 евра останува за секој насилен чин направен кон дете, за родителот да биде казнет, но многу важно е, повторувам, кога родителот одбива соработка со училиштето и другите институции, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Од друга страна, опозициската СДСМ бара одговорност од министерката Јаневска по повеќето случаи на насилство во училиштата и интернатите. Според Јованче Манасков, институциите не успеале да ги заштитат учениците, кој додава дека недостигаат превентивни стратегии и психолошка поддршка. Тој бара и разрешување на директорите кои не реагирале на инцидентите и предлага итни мерки за зголемување на безбедноста во училиштата.
-Итно воведување на унифициран безбедносен протокол во сите основни и средни училишта. Јасни процедури за справување со малтретирање, физичко насилство, закани и носење оружје. Итно вработување на психолози и педагози во местата каде што со години недостига стручен кадар. Државата не може да зборува за безбедност, додека училиштата остануваат без професионални служби, изјави Јованче Манасков, претседател на Комисијата за образование и наука во СДСМ.
Инаку, истражување спроведено од невладиниот сектор во соработка со Министерството за образование покажало дека насилството кај младите е поттикнато од прекумерното користење на интернет, недостигот на активности во реалниот живот и изложеноста на агресивни содржини. Проектот нагласува потреба експертите да работат не само со жртвите, туку и со сторителите на насилство.
Драги Змијанац од Детската амбасада „МЕЃАШИ“ истакна дека насилството кај нас не е само физичко, туку и вербално, но и кибер насилство.
-Тешко е да се воспостави родителска контрола, а уште потешко е од родител кон дете, и уште потешко е триаголникот на кој инсистираме: родител – училиште – ученик. Треба да ги сензибилизираме децата кога се случува насилство, бидејќи секое насилство создава проблем, особено кога станува збор за компромитирачки содржини, изјави Драги Змијанац, од Прва детска Амбасада – Меѓаши.
Во последно време во земјава се случија повеќе инциденти на насилство или булинг врз деца. Последниот е во основното училиште во Сингелиќ, каде малолетник беше повреден од свој врсник со остар предмет. Претходно, исто така, ученичка од основно училиште беше брутално нападната од три постари девојчиња во населбата „Ѓорче Петров“.
