Мукаетов за политичкиот ангажман: „Јас сум секогаш тука за Македонија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, открива дека во изминатите 15 години добил неколку понуди за политички ангажман, од кои две биле сериозни и се однесувале на високи политички функции.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Мукаетов не прецизира за кои функции станувало збор. На прашањето дали меѓу понудите имало и можност да биде претседател на државата или премиер, тој не даде конкретен одговор.

„Не би конкретно да одговарам на тоа прашање. Сметам дека придонесот кон сопствената земја не треба да се гледа само низ призмата на тоа дали некој е ангажиран во политика или не. Јас сум секогаш тука за Македонија“, изјави Мукаетов.

Тој вели дека својот придонес кон државата го гледа преку работата во „Алкалоид“, ангажманот во спортот и во општеството.

„Лично, јас сметам дека секој успех на ‘Алкалоид’ е успех на Македонија“, посочи Мукаетов.

Говорејќи за бизнисмените кои во минатото прифатиле министерски и вицепремиерски функции, тој изрази жалење што нивниот политички ангажман влијаел врз довербата што ја имале во јавноста.

Според Мукаетов, бизнисот и политиката функционираат според различни системи и механизми на одлучување, но имаат и заеднички барања – интегритет, способност за носење тешки одлуки и управување со квалитетни луѓе.

„Сите ние, секој во својот делокруг на дејствување, треба да придонесе да биде подобро во државата“, порача тој.