Поттикнувањето меѓуетничка омраза на фудбалските стадиони нашето општество го гледа речиси на секој натпревар со зголемена тензија. Дури и кога не играат екипи од двете најголеми етнички заедници во земјава, националистичките извици не изостануваат.
Министерството за односи меѓу заедниците на состанок ги повика претставниците на навивачките групи и претставници на Фудбалската федерација на Македонија, Министерството за спорт, полицијата и други институции.
„За време на спортските натпревари не биле коректни во нивните песни или навивачки извици, со работи кои се навредливи, кои поттикнуваат омраза или имаат политичка содржина, а исто така и со содржини кои имаат за цел поттикнување тензии. Поради тоа, многу отворено разговаравме со сите и им кажавме дека сме отворени да помогнеме во решавањето на овој проблем.“, додава Агрон Ферати.
Министерот Ферати рече дека и самите политички партии во одредени случаи поттикнуваат меѓуетничка омраза, особено кога се наближуваат предизборните кампањи.
Тој посочи дека, покрај санкциите од страна на надлежните органи, целта на овој проект е подигнување на свеста кај граѓаните за да не станат жртви на влијанието на мали интересни групи.
„Олеснителна околност е тоа што во последно време немаме најава за предвремени избори, што ни дава можност на мирен начин да работиме во оваа насока, бидејќи ова е прашање за кое е потребно подолго време. Не е нешто што може да се подобри само со еден состанок или една одлука. Ова треба да се развива на континуиран начин и во многу подолг временски период.“, вели Агрон Ферати.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, за сезоната 2025 година и до април 2026 година, Фудбалската федерација на Македонија пријавила 5 санкции за националистички навивачки извици и 3 натпревари без публика.
Во фудбалската сезона 2024/2025, Фудбалската федерација на Македонија пријавила 4 казни за националистичко навивање и една мерка со забрана за присуство на публика на 4 натпревари.
Инаку, во 2024 година, полицијата евидентирала 83 случаи на нарушување на јавниот ред и мир на спортски настани, од кои 57 биле на фудбалски натпревари.
Во извештајот на Министерството за внатрешни работи се наведува дека меѓу облиците на однесување биле и транспаренти или извици со кои се поттикнувала омраза врз верска, расна и национална основа.
