Советот на општина Тетово го изгласа предлогот за формирање комисија за промена на имињата на улиците. Касами рече дека има политички консензус за оваа комисија. Според него, станува збор за 300 улици и дека овојпат новите имиња ќе ги одобрат Министерството за транспорт и Катастар.
-Имаме согласност од сите политички и општествени фактори за оваа толку важна работа за нашиот град. Од моето доаѓање во општината, еден од проблемите со кои се занимававме беше и хаосот во именувањето на улиците. Многу улици и населби во општина Тетово се без соодветни ознаки. Затоа, пред три месеци формиравме работна група за идентификување на улиците во Тетово и како резултат на тоа се идентификувани околу 300 улици кои се без имиња, со бројки или привремени ознаки кои не се во согласност со законот. Во процедура е и донесување на Закон со кој се предвидува обврска на сите институции да ги користат ознаките што ги определува општината, рече Биљал Касами, градоначалник на Тетово.
Касами вели дека неколку имиња во Тетово веќе се сменети и се надева дека комисијата ќе ги земе предвид.
-Мислам дека некои од имињата се сменети и овие ќе бидат земени предвид од комисијата. Ленин, Страшо Пинџур и некои други имиња веќе се сменети и имаат нови имиња. Но, со оваа одлука ќе направиме сеопфатен процес на цело Тетово и сите оние патишта што се идентификувани ќе бидат именувани во транспарентен процес, рече Биљал Касами, градоначалник на Тетово.
Реагираа советниците од опозицијата. Лиридон Диша од групата советници на ДУИ рече дека ДУИ тоа го прави уште од времето на Хазби Лика, притоа барајќи од Касами да ја докаже моќта во Владата и да ги одобри овие имиња.
-ДУИ веќе ги смени имињата на улиците, а еве ја одлуката на советот со промените на имињата од времето на првиот човек Хазби Лика и Реси Абдурахмани. Сега новата влада на ВРЕДИ-ВМРО има шанса да го спроведе ова, што се прави од 2006 година. Тоа е постигнато со консензус меѓу Македонците и Албанците, каде што има имиња од наши преродбеници и од Македонците, во соработка со двете страни, изјави Лиридон Диша, општински советник на ДУИ.
Инаку, тетовските улици сè уште ги носат имињата на комунистичкиот систем, како што се: Ленин, Маршал Тито, ЈНА, Страшо Пинџур, Кирил Пејчиновиќ, 29 Ноември, Благоја Тоска и други.
