Вучиќ: „Ова е како некоја ноќна мора, грд сон, но ќе се разбуди Србија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за телевизијата „Информер“ изјави дека очекува политичко враќање на власт за околу две години, обвинувајќи ги своите противници дека сакаат да ги замолчат медиумите и да ја променат надворешната политика на земјата.

„Ова е како некоја ноќна мора, грд сон, но ќе се разбуди Србија“, изјави Вучиќ, коментирајќи ги актуелните политички случувања и барањата за забрана на телевизијата „Информер“.

Тој им се заблагодари на вработените во телевизијата за, како што рече, храброста по упадот во нејзините простории и оцени дека обидите за нејзино затворање претставуваат удар врз слободата на изразување.

„За 14 години не забранивме ниту една телевизија“, рече Вучиќ, додавајќи дека доколку „Информер“ биде забранет, неговата политичка страна нема да разговара со новата власт до следните избори.

Во интервјуто тој предупреди дека Србија, според неговите очекувања, би можела да ја промени својата надворешна политика, да воведе санкции кон Русија и да прифати ставови за кои тврди дека се спротивни на националните интереси.

„Не ме интересира што зборуваат за мене, ме интересира што ѝ прават на Србија“, изјави Вучиќ, обвинувајќи ги политичките противници дека нивните одлуки се диктирани од надворешни влијанија.

Тој се осврна и на економската состојба, тврдејќи дека на новата влада ѝ оставил „полна каса“ и дека граѓаните не треба да стравуваат за најмалку една година.

Вучиќ оцени дека на неговото политичко враќање ќе му биде потребно време, но дека верува оти тоа може да се случи за две години.

„Нема да се вратиме на власт утре. Тоа ќе се случи по извесно време“, рече тој во интервјуто за „Информер“.