320 основци од селото Шемшево, општина Јегуновце денеска останаа вон училишните клупи, бидејќи училиштето нема нафта за греење. Родителите синоќа одржаа состанок и донесоа едногласна одлука – од денеска да не ги пуштаат децата на училиште.
„Родителите беа едногласни, сѐ додека нема услови, односно греење, се договорија децата да не ги пуштаат на часови. Синоќа беше само почеток, родителите беа едногласни доколку нема услови да не ги пуштаат децата. Потоа ќе продолжиме со понатамошниот тек, ако се обезбеди нафта нормално дека ќе ги пуштат, а ако не, има и други форми како ќе постапиме ние како Совет со поддршка од родителите“, вели Зеќир Зеќири.
Директорот на училиштето вели дека неколкупати побарал да се распише тендер за набавка на нафта, но неговото барање не наишло на слух.
„Неколкупати имам поднесувано барања, а тоа ќе го докажам пред надлежните органи, но не се разгледани од општинските органи за објавување нов повик за гориво. Се знае кој ја сноси одговорноста. Има надлежни органи за оваа состојба во која се наоѓаме денес за жал“, вели Бурхан Ејупи.
Се обидовме да стапиме во контакт и со градоначалникот на Јегуновце, Димитар Костадиновски, но безуспешно. Не успеавме да го најдеме ниту на неговото работно место.
„Градоначалникот на општина Јегуновце не е на своето работно место, како и раководителот на Секторот за образование за да објаснат – зошто учениците од училиштето „Шемшево“ немаат нафта за греење“, вели репортерот на ТВ21.
Поради поскапувањето на нафтените деривати и струјата, многу училишта обезбедија минимална количина гориво. Инаку, и Министерството за образование, и Министерството за економија неколкупати ја отфрлија можноста училиштата да останат без греење.
