Социјалните мрежи одамна не се само место за споделување фотографии и видеа, туку и извор на огромни приходи за светските ѕвезди. Ново истражување на платформата PlayersTime открива кои познати личности имаат највредни профили на Инстаграм и колку потенцијално можат да заработат од само една спонзорирана објава.
На врвот на листата убедливо се наоѓа португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо, чија спонзорирана објава е проценета на неверојатни 10,39 милиони евра. Веднаш зад него е Лионел Меси со 9,31 милион евра, додека третото место му припадна на музичарот Бед Бани со проценета вредност од 9,13 милиони евра.
Меѓу највредните профили се најдоа и индискиот играч на крикет МС Дони со 8,43 милиони евра, како и членот на јужнокорејската група БТС, Ви, со 7,22 милиони евра.
Истражувањето покажува дека бројот на следбеници не е единствениот фактор што ја одредува вредноста на една објава. Големо влијание има и активноста на публиката, односно бројот на допаѓања, коментари и други интеракции.
Така, иако Бед Бани и МС Дони имаат значително помалку следбеници од Роналдо и Меси, нивните профили бележат многу повисока стапка на ангажираност, што ги прави особено привлечни за огласувачите.
Интересен е и случајот со актерката Зендеја, која со повеќе од 178 милиони следбеници би можела да заработи околу 4,72 милиони евра по објава. Таа се најде пред Тејлор Свифт, која има над 280 милиони следбеници, но нејзината спонзорирана објава е проценета на 4,03 милиони евра.
Високо на листата се позиционираа и тројца членови на БТС, како и Џорџина Родригез, партнерката на Роналдо, чија објава би можела да достигне вредност од 4,48 милиони евра.
Според анализата, меѓу 20-те највредни профили на Инстаграм има само пет жени, додека преостанатите 15 им припаѓаат на мажи.
Истражувањето опфатило по 20 најследени профили во 40 држави, а податоците биле собрани на 26 август 2026 година.
Сепак, истражувачите нагласуваат дека станува збор за проценети, а не за потврдени заработки. Вистинските хонорари што светските ѕвезди ги добиваат од рекламните соработки можат значително да се разликуваат од наведените износи.
