33 години независна Македонија – Мицкоски: Исправени сме пред нова борба иста како и создавањето на татковината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Цврсто сум убеден дека човекот кој тогаш гласаше на референдумот тој 8 септември 91-ва година тогаш не ја замислуваше Македонија каква ја имаме денес 33 години подоцна, истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената академија по повод Денот на независноста, што се одржа под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме“. Тој порача дека овој ден ќе не потсетува на долгото патување до слободата.

-Денес сме исправени пред нова борба еднакво значајна како и создавањето на татковината. Тогаш владееше ентузијазам, голема енергија и одобрување на референдумот. 33 години подоцна многу работи се изменети, а сите ние повеќе искусни. Многу порази, многу неуспеси и потфрлање во системот. Тогаш битката беше како ќе се исправиме на нозе, денес битката е како ќе направиме големи чекори напред, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Честитки за Денот на независноста стигна и од претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова која порача дека заокружувајќи го делот на илинденците и асномците ја презедовме одговорноста да градиме модерна европска правна држава.

Нашата држава денес се наоѓа пред многу искушенија кои бараат од нас да покажеме уште поголема зрелост, сплотеност и одлучност, порача во својата честитка претседателот на СДСМ Венко Филипче.

Од коалицијата ВРЕДИ со порака, ова е ден на симбол на нашата одлучност и стремеж кон демократијата, но сепак посочија дека се уште е отворено прашањето на албанскиот јазик.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети вели дека и по толку години се уште постои тенденција за мајоризација и непочитување на волјата на Албанците со што се нарушува етничкиот легитимитет.

На 8 септември 1991 година на референдум граѓаните се определија за самостојна и суверена држава. Да ви честитам слободна, суверена и самостојна Македонија, гласеше честитката на првиот претседател на државата Киро Глигоров од градскиот плоштад веднаш по објавувањето на резултатите.