Филм и телевизиска серија за Тоше Проески се најавуваат за 2027 година, премиерата во 2028

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Снимањето на филмскиот и телевизискиот проект посветен на Тоше Проески е планирано за 2027 година, а премиерата се очекува во 2028 година. Проектот е во продукција на „ОХО Продукција“ и беше претставен на фестивалот „Weekend.19“ во Ровињ.

Како што информираат од продукцијата, проектот ќе се развива во три формати: игран филм, играна серија и документарна серија. Целта е да се прикаже не само музичката кариера на Тоше, туку и неговиот личен свет, соништата, дилемите и патот до музичката слава.

На презентацијата учествуваа продуцентот Пеце Талески, авторот Игор Стоименов и сценаристите Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин. Авторскиот тим работи на истражување што опфаќа архивски материјали и разговори со соработници и блиски луѓе на пејачот.

Посебно внимание ќе биде посветено на човекот зад ѕвездата, чиј живот и дело оставија длабока трага кај публиката во регионот.

Авторот Игор Стоименов потсети и на една од последните изјави на Тоше, дадена неколку часа пред трагичната несреќа: „И јас би сакал да го знам тој Тоше“.

Точниот почеток на снимањето, актерската екипа и продукцискиот распоред дополнително ќе бидат официјално објавени.