Во близина на Бале во Истра е откриено првото светско подводно наоѓалиште на коски од диносаурус. Меѓународен тим научници од морското дно извлекува остатоци стари околу 130 милиони години, за кои првичните палеонтолошки проценки потврдуваат дека му припаѓаат на досега непознат вид, пренесува ХРТ.
Станува збор за гигантски тревопасен диносаурус со долг врат и нозе во облик на столбови. Палеонтологот Франо Видаковиќ го спореди ова откритие со култната сцена од филмот „Паркот Јура“ (Jurassic Park), кога научниците во неверување излегуваат од џипот пред величественото животно.
Американскиот палеонтолог Метју Ламана нагласи дека ова е откритие од исклучително значење. – Диносаурусот што го ископуваме несомнено е нов вид – потврди Ламана.
Истражувачите досега пронајдоа делови од вратниот ‘рбет, лумбални коски и ребра. Ламана објасни дека фосилите од обичен камен се разликуваат по малите пори – трабекули, кои јасно укажуваат на структурата на коска стара 130 милиони години.
Уникатноста на локацијата, сместена во рамките на палеонтолошкиот резерват Датуле-Барбарига, ја потврди и палеонтологот и геолог Александар Мезга, кој посочи дека ова е единствениот познат случај во светот каде што коски од диносаурус се вадат од морското дно, на длабочина од 1,5 до 6 метри.
Пред 130 милиони години, копното на денешна Истра имало сосема поинаков пејзаж и се наоѓало во подрачјето на денешна Северна Африка. Првите фосили тука биле откриени уште во 1993 година, кога нуркачот Боскариоли, барајќи морски плодови, случајно наишол на коска во карпа. Тоа откритие го доведе првиот истарски диносаурус, наречен Histriosaurus boscariollii.
За разлика од првиот, новооткриените остатоци му припаѓаат на сроден, но различен вид, а научниците веруваат дека морското дно кај Бале крие уште многу нео откриени тајни.
