34-то издание на фестивалот „Ристо Шишков“ започнува со „Уна“ и Никола Ристановски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Струмица во наредните денови повторно ќе живее во знакот на театарот. Со претставата „Уна“, во која настапува Никола Ристановски, се отвора 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.

Повеќекратно наградуваната претстава на „Звездара театар“ од Белград се изведува од 20 часот во големата сала на Центарот за култура „Антон Панов“, со што и официјално започнува шестдневната фестивалска приказна.

До 13 септември, Струмица ќе биде домаќин на театарски уметници и претстави од земјава и регионот, во фестивал кој традиционално во центарот ја поставува – актерската игра.

Името на фестивалот го носи еден од најголемите македонски актери, Ристо Шишков, чие наследство е мерило за актерското мајсторство. Токму затоа, фестивалот е место каде што секоја улога, секој збор и секоја емоција се претвораат во борба за престижната награда „Ристо Шишков“.

Годинава фестивалот повторно ќе ја собере актерската елита, но и публиката која со години ја следи оваа значајна културна манифестација.