350 милиони евра за општински инфраструктурни проекти – Николоски: Реконструирани околу 96 патишта во 72 општини

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во изминатите две години се реализирани 350 милиони евра за развојни и инфраструктурни проекти во повеќе општини во земјата, изјави заменик-премиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на средба со градоначалници и раководството на ЗЕЛС, како и претставници на Светска банка, на која се разговараше за имплементацијата на проектите во општините.

„Денес ќе зборуваме за проектите за локални патишта, каде што се склучени договори во вредност од 25,3 милиони евра за реконструкција на локални патишта во општините во период од две години, од јуни 2024 до јуни 2026 година. Реконструирани се 96 патишта во 72 општини, со вкупна должина од 72 километри, а дополнителни 31 километар патишта се во фаза на реконструкција, што значи дека околу 103 километри патишта се реконструирани, изградени или се во тек на изградба.“, рече Николоски.

Градоначалникот на Град Скопје, воедно и претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека фокусот во периферните населби ќе биде насочен кон урбан развој и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните преку подобра инфраструктурна поврзаност.

„Како Град Скопје, започнавме интензивно да работиме на некои проекти од почеток, како што е Булевар ‘Македонија’, познат во јавноста како ‘Лимак’, но и сите останати проекти од минатото кои со децении беа во застој. На сите места ставаме посебен акцент на велосипедската мобилност и пешачките патеки, што ќе овозможи подобро движење за граѓаните.“, изјави Ѓорѓиевски.

Сите овие општински иницијативи се реализираат во соработка со Светска банка, како поддршка на Владата за локалната самоуправа. Програмата веќе имала две повици, еден во 2024 година и друг во 2025 година, со вкупна вредност од 350 милиони евра за реализација на локални проекти, а доколку се додадат и останатите проекти што се спроведуваат со поддршка на Светска банка, вкупната вредност е значително поголема.