36 деца загинаа во пожарот кој зафати хотел во турски ски-центар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најмалку 36 деца загинаа во пожарот во хотелот „Гранд Картал“ во турскиот ски-центар Карталкаја, јавува Си-Ен-Ен-Турк.

Турското Министерство за правда вчера соопшти дека жртвите во трагедијата што изби на 21 јануари во популарното летувалиште во северозападната провинција Болу се 78.

Сите тие се идентификувани по вештачењето на ДНК.

Си-Ен-Ен-Турк утринава објави дека противпожарната служба на општина Болу подготвила прелиминарен извештај за пожарот.

Во него се наведува дека првата пријава за пожарот била добиена во 03:30 часот. Тргнаа 11 противпожарни возила и 30 персонал, покривајќи растојание од 42 километри (од градот Болу до одморалиштето Карталкаја).

Првата екипа на пожарникари пристигнала во реонот на опожарениот хотел во 04:24 часот.

Во извештајот на противпожарната служба се наведува и дека за гаснење на пламените јазици биле употребени 500 тони вода.

Во текстот се наведува и дека врз основа на информациите споделени од персоналот на хотелот и очевидци, како и од досега спроведената истрага, утврдено е дека пожарот настанал во просторот на кујната/ресторанот на четвртиот кат од катниот хотел со дрвена фасада.

Продолжуваат контроверзите и обвинувањата за тоа кој е одговорен за трагедијата, особено поради недостиг на какви било мерки за заштита од пожари во хотелот Гранд Картал со 4 ѕвездички, критики се упатуваат и поради тоа што во популарното зимско одморалиште, во кој има многу хотели, нема ниту мала противпожарна единица.

Поради трагедијата досега се приведени вкупно 12 лица. Меѓу нив се сопственикот на хотелот, заменик-градоначалникот на градот Болу, како и заменик-началникот на локалната противпожарна служба.

В. „Милиет“ ден по трагедијата напиша дека ноќевањето во „хотелот на ужасите“ чинело 32 илјади турски лири (околу 53.000 денари).