Во 2024 година, 3.280 претпријатија или 4,7 проценти од деловниот сектор во земјава биле странски филијали, објави Државниот завод за статистика.
Иако нивното учество во вкупниот број претпријатија е релативно мало, тие ангажираат 24,2 проценти од вработените. Странските компании создаваат и 37 проценти од вкупната бруто-додадена вредност во деловниот сектор. Најголем придонес има преработувачката индустрија со 35,3 проценти, по која следуваат информациите и комуникациите со 16,7 проценти.
Дури 92,8 проценти од странските филијали се контролирани од компании од Европа, а 44,6 проценти од земји членки на Европската Унија. Најголемо учество имаат филијалите под контрола на Австрија, Холандија, Германија и Обединетото Кралство.
