Европската Унија ја поддржува Царинската управа со 4 милиони евра за модернизација на царинскиот терминал на граничниот премин Табановце, со цел борба против организираниот криминал и нелегалната трговија. Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, соопшти дека се обезбедени 26 специјализирани возила за секторот за контрола и истраги.
„Обезбедена е модерна и специјализирана опрема за царинска контрола и истраги, опрема за откривање и идентификување на нелегална трговија, форензичка опрема, како и модерна информатичка инфраструктура“, вели директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата има за цел да ги спречи оние кои одлучиле да бидат сојузници на криминалот, истакнувајќи дека тие ќе бидат фатени и изведени пред лицето на правдата.
„Значи, ви посакуваме среќа и успех при користењето на новата опрема, донацијата од Европската Унија, и да се обидеме сите заедно да покажеме дека професијата да се биде криминалец е бескорисна“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, рече дека целта на оваа поддршка е да има побезбедна граница и подобри услови за граѓаните.
„Мислам дека Табановце е вистинското место за тоа. Овој царински терминал е реализиран со поддршка од ЕУ и е во употреба од 2018 година. Денес гледаме уште еден многу конкретен пример за резултатите од нашето партнерство: модерна опрема, подобри системи и посилни капацитети за персоналот кој секојдневно работи на границата“, изјави Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ.
За министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, инвестицијата во Царината има повеќекратно значење, но и за државата во заштитата на финансиските интереси во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал и во создавањето услови за побрза и поедноставна трговија.
„Европската интеграција за нас не е само процес на усвојување на регулативи, туку практично воведување на европските стандарди во институциите, создавање подобри услуги за граѓаните и компаниите“, изјави Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии.
Проектите финансирани од ЕУ и спроведени во корист на Царинската управа достигнуваат вредност од 25 милиони евра. Листата на проекти, која го вклучува и царинскиот терминал на граничниот премин Табановце, е дел од барањата за членство и за усогласување со Царинската унија на ЕУ како единствена трговска зона. Оваа поддршка ѝ помага на царинската администрација целосно да се подготви откако границите на земјата ќе станат граници на ЕУ.
