Пет илјади скафандери ќе бидат расподелени во три здравствени установи во рамките на општина Чаир и тоа: за Гинеколошката болница, Домот за јавно здравје и Поликлиниката во Чаир. Донацијата вредна 30 илјади евра, доаѓа од компанијата АТС Груп. Во знак на благодарност, првиот човек на Чаир, Висар Ганиу, на сопственикот на компанијата, Шефкет Демири му подари декоративна плакета со фигурата на Мајка Тереза.
Но, Демири не сакаше да зборува пред камера.
„Г.Демири е скромен човек. Сака помалку да зборува, а да прави повеќе дела“, истакна Висар Ганиу.
Но, зошто овие скафандери ѝ се донираат токму на оваа општина? Дали станува збор за недостиг на заштитна опрема? Директорот на Домот за јавно здравје, Бесим Кока, рече дека не поседуваат вакви скафандери со висок квалитет, но уверува дека нема недостиг на заштитни средства.
„Колку што гледам овие скафандери се попрофесионални и поквалитетни. Ќе ги користиме за Брзата помош каде имаме специјални екипи кои вршат транспорт на ковид-пациенти. Секако дека ќе ни бидат од помош. Ова не значи дека немаме средства. Вакви скафандери немаме бидејќи навистина се многу квалитетни за ваков вид работа. Мислам дека многу ќе ни завршат работа“, вели Бесим Кока.
Од општина Чаир велат дека помошта е добредојдена и дека целта на донацијата е да се поддржи медицинскиот персонал кој води херојка битка за спасување човечки животи.
