Денеска се сеќаваме на битолскиот земјотрес кој го погодил градот на 1-ви септември.
Овој ден во 1994 година, за Битолчани не бил само ден кога започнува учебната година и кога најмладите се најрадосни, туку бил и еден од најстрашните денови во поновата историја на градот.
На овој ден започнала серијата на земјотреси со различна јачина, од која најсилен бил земјотресот на 1 септември, во 18 часот и 12 минути по локално време.
Поради силината на земјотресот и близината на епицентарот до сеизмолошката станица во Охрид, записот од оваа станица бил нечитлив и сосема неупотреблив, освен за одредување на првичната локација на епицентарот. Земјотресот бил почувствуван на целата територија на Македонија, предизвикувајќи голема вознемиреност кај граѓаните, но и значителна штета на станбените и други објекти, а особено во Битола и блиската околина.
Првичните резултати покажале дека локацијата на епицентарот на земјотресот е на просторот помеѓу Битола и Охрид во близина на с. Долно Српци и с. Цапари, а за одредување на магнитудата бил искористен записот на земјотресот од станицата во Скопје, при што е добиена вредност од 5.2 степени според Рихтеровата скала.
Според макросеизмичките податоци кои ги добиле вработените во опсерваторијата во првите два часа, првичната проценка на интензитетот на земјотресот изнесувала VII степени според Европската макросеизмичка скала. Според кажувањата на локалните жители, земјотресот во околината на епицентарот бил почувствуван како силни вибрации проследени со звук кои траеле десетина секунди. Оддалечувајќи се од епицентарот, земјотресот бил почувствуван како силно до умерено нишање.
Поради силината, истиот бил регистриран на вкупно 383 сеизмолошки станици низ целиот свет, од кои најдалечен е записот од станицата во Канбера, Австралија на оддалеченост од околу 15 400 км од епицентарот. Во подоцнежните истражувања кои траеле повеќе од шест месеци, Сеизмолошката опсерваторија располагала со податоци за 45 настапни времиња на сеизмичките бранови на споменатиот земјотрес. Овие записи помогнале во уточнување на првичните резултати за параметрите на земјотресот.
