Од едната страна стоеја претставниците на политичките партии вклучени во изборните листи. А, од другата, пак, новинарите и снимателите. Па така се собраа околу 50 луѓе во затворена сала во Државната изборна комисија, каде носителите на кандидатските листи требаше да го потпишат Кодексот за фер и демократски избори на 15 јули. Оваа мешаница предизвика реакции од претставниците на изборните листи. Некои дури и ја напуштија салата…
Надвор излегоа и новинарите кои подоцна се сместија на балконот на ДИК, од каде земаа изјави од присутните. Го прашавме претседателот на ДИК, Оливер Дерковски – зошто настана ваков пропуст? Тој не го коментираше денешниот настан, само вети дека следните активности ќе се одржат во онлајн формат, а за изборниот ден не ја исклучува можноста седниците и конференциите да се одржуваат на балконот.
Претставниците и носителите на кандидатските листи освен што го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, изјавија дека нема да го загрозат здравјето на нивните гласачи, но и покрај ваквите тврдења, медиумите забележаа дека за една изборна листа, во ДИК дојдоа дури по тројца партиски претставници.
