Македонија чекори бавно. Според проценките презентирани на настанот за „Унапредување на родовата еднаквост во лидерството и управувањето“, ќе ни требаат скоро шест децении за целосна родова рамноправност. Во моментов жените во Македонија заработуваат значајно помалку од мажите, има јаз до 28 отсто во одредени групи, а заземаат приближно од 15 до 25 насто од позициите во управните одбори, додека учеството на жените во работната сила е околу 42 отсто — што значи дека приближно 58 отсто не се дел од пазарот на труд. Затоа, еден од начините за подобрување на состојбата е примената на европската директива која го гарантира учеството на жените во бизнисот.
„Со овој чекор, ќе ни требаат 57 години за да ја постигнеме родовата еднаквост. Се надевам дека нема да чекаме 57 години, и сите треба да приземеме нешто во врска со тоа. Во компаниите каде имаме разновидно лидерство, тие подобро градат доверба со заедницата, имаат подобра иновативност и решавање на проблеми“, вели Сања Божиновска, министерка за енергетика.
Иако има напредок, состојбите во земјава и понатаму ја рефлектираат нееднаквоста. Жените заработуваат помалку за слична работа, поретко се на раководни позиции, а неплатената грижа во семејството го ограничува економското учество. Постои јаз и во пристапот до унапредување и покачувања, што директно се одразува на продуктивноста и на потенцијалниот раст.
Европската „Директива за транспарентност на платите и правилото за жени во одбори“ носат практични алатки како објавување опсези на плати, редовно известување за платниот јаз, забрана за тајност на платата, полесен пристап до правна заштита и санкции за прекршувања. Овие мерки креираат поправедна и поконкурентна деловна средина.
„Знаеме дека Светската банка во своите студии ширум светот има докажано дека доколку успееме не само во лидерството, туку ако имаме еднакво учество на пазарот на трудот, може да постигнеме помеѓу 10 до 15 раст на БДП во секоја засегната земја“, изјави Михалис Рокас, евроамбасадор во Македонија.
За македонската економија, намалувањето на родовиот јаз значи:
Поголема стапка на учество на жените на пазарот на труд со поширока база на вештини.
Повисока продуктивност и иновации во фирмите со јасни платни рамки и разноврсно лидерство.
Поголем БДП преку целосно искористување на човечкиот капитал и претприемништвото на жените.
Полесен пристап до капитал кај компании што демонстрираат родова еднаквост и транспарентност.
Искуството од регионот покажува дека законите за родова еднаквост даваат резултат кога се врзани со јасни таргети и санкции, а финансискиот сектор може да биде катализатор преку пристап до кредитирање за бизниси предводени од жени, менторски програми и системско следење на резултатите.
„Имавме, навистина долга и успешна кампања каде што секој политички лидер вети поддршка за измените, но, сепак, требеше доста време. Измените се реализираа, беа донесени дури во август 2025. Имаме финансиски казни за компаниите кои што не ги почитуваат обрските од Законот, но и бидеќи регистрацијата треба да се обновува секоја година, да не може да се регистрира и ререгистрира годишно компанијата, доколку најмалку 40% од жените не се застапени во одборите, значи на помалку застапениот род, и 33% од помалку застапениот род да биде дел во извршните позиции во секое големо приватно и јавно предпријатие“, изјави Ирена Радовиќ, гувернерката на Централната банка на Црна Гора.
Пораката од оваа тркалезна маса на која учествуваа скоро сите жени од Македонија кои што нешто значат во бизнис круговите беше јасна: без транспарентност, активни мерки за намалување на јазовите и поголема застапеност на жените во одлучувањето, 57 години за родова еднаквост ќе остане реална бројка. Затоа треба брзо усогласувањето со европските правила и нивната реална примена во фирмите и институциитеи тоа би било најкраткиот пат до побрз раст и поправедно општество.
