Со 61 и глас за, сите од владејачкото мнозинство, Фадиљ Зендели е разрешен од Комисијата за избори и именувања. Опозицијата демонстративно ја напушти салата.
„За гласаа 61 пратеник.
Констатирам дека Собранието ја донесе одлуката за разрешување на член на Комисијата за прашањата на избори и именувања на Собранието на Република Северна Македонија“ рече претседателот на Собранието Талат Џафери.
Во салата се врати координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој побара одговор од Џафери што се случи со нивните над 400 амандмани кои ги поднесоа уште во вторникот доцна попладнето.
„Демонстрирате сила и надмоќ, меѓутоа за сето ова во ваш стил ќе ви се скрши од главата. Не дадовте одговор што се направи со над 400 амандмани кои што се испратени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до архива и уредно се примени. Автократското однесување знаеме многумина каде ги однело. А вие сите треба да размислите наместо да се смеете и да мислите дека во моментов имате надмоќ во работата на Собранието да се замислите зошто скоро половина или толкав број на пратеници од другата страна немаат никакво право“ рече Мицевски.
„Амандманите сте ги доставиле како што тврдевте, но претседателот на Собранието има рок 3 дена да ги разгледа и секако тој рок не е поминат. И како што кажавте, поради бројот на амандмани треба да се прегледаат сите амандмани и во дадениот рок ќе добиете соодветен одговор“, рече Џафери.
По преминувањето на пратеникот и член на Комисијата Фадиљ Зендели од Беса во опозиција, распоредот на силите се наруши со што власта го загуби мнозинството што според Деловникот треба да и припадне на владејачкото мнозинство. Претседателот на Собранието претходно го повика Зендели самиот да си поднесе оставка од комисијата но тој тоа не го стори.
