Отворено 11. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со проекцијата на филмот „Три недели потоа“ и врачувањето на наградата „Златна грива“ на турскиот режисер, сценарист, актер и историчар Емин Алпер, во киното „Фросина“ синоќа беше отворено 11. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“. По свеченото отворање, од денес, филмските проекции од програмата на 11. издание на „Киненова“ продолжуваат да се прикажуваат во двете кино-сали во Општина Кисела Вода.

Овогодишното издание се одржува под мотото „На прво светло“, а посебен белег на отворањето дадоа учениците од основните училишта од Општина Кисела Вода, кои премиерно ги прикажаа своите кратки филмови изработени низ работилницата „Снимај паметно, остави трага“, под менторство на режисерката Марија Џиџева.

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, во своето обраќање ја нагласи важноста на поддршката за овие млади автори и визијата на локалната самоуправа за децентрализација на културата. Официјална поддршка за фестивалот и за трудот на учениците упати и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

На годинешниот лауреат Емин Алпер му беше врачена наградата „Златна грива“ за особен придонес во светската филмска уметност. „За мене, филмот отсекогаш бил начин да се разберат луѓето, нивните стравови, нивните желби и општествата во кои живееме. Тој не може само да го промени светот. Но, може да нè натера да го гледаме светот поинаку. Може да им даде глас на оние кои се игнорирани, да ги предизвика моќните и да нè потсети дека секогаш постои друг начин на гледање на работите“, истакна Алпер.

Директорот на „Киненова“, Небојша Јовановиќ, потенцираше дека ова е најсилната селекција досега. „Оваа година ве водиме во океанот на светската филмска продукција и ви ги откриваме најновите филмски приказни од различни меридијани. Да го славиме добриот филм и искрените филмски авторски гласови“, порача Јовановиќ.