Во детското одделение во Гостивар во последните 24 часа се јавиле 65 мали пациенти, додека на инфективното одделение помош побарале вкупно 111 лица. Иако бројот на пациенти кои се јавуваат во здравствените центри е висок, епидемиологот од Центарот за јавно здравје, Зорица Зафировска, оценува дека состојбата се подобрува.
„Значи, во последните 24 часа бројот почна да се намалува. На Инфективното одделение во Гостивар, во последните 24 часа, уште 111 пациенти побарале помош, а 26 пациенти дошле на контролни прегледи. Во Итната медицинска помош во Гостивар се пријавени 7 нови случаи, додека на Одделението за педијатрија во Гостивар се пријавени 65 нови пациенти. За разлика од вчера, бројот почнува да се намалува“, вели Зорица Зафировска, епидемиолог, ЦЈЗ Гостивар.
По налог на јавниот обвинител, Институтот за јавно здравје ги анализирал примероците од водата од отворениот канал. Резултатите покажуваат дека водата е исклучително загадена и неупотреблива поради присуство на 2.419,6 cfu/100 ml колиформи бактерии, додека максимално дозволената граница е 50 cfu/100 ml.
„Во примероците земени од зафатениот извор е утврден зголемен број на колонии на аеробни мезофилни бактерии, како и присуство на 39 cfu/100 ml колиформи бактерии, иако според референтните стандарди треба да бидат 0 cfu/100 ml“, велат од Обвинителство.
Во Гостивар е прогласена епидемија на гастроентеритис на територијата на општината. Епидемиолошката состојба редовно се следи, велат од Центарот за јавно здравје.
Тоа значи дека се спроведуваат епидемиолошки истражувања и се зема материјал за анализи, вклучително и копрокултури.
