Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, остварил средба со тетовскиот муфтија Селвер Џемаили и митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија, г. Јосиф, на која бил упатен заеднички повик за мир, толеранција и зачувување на меѓуетничкиот и меѓуверскиот соживот.
Средбата следува по серијата инциденти меѓу малолетници од различни етнички заедници во Тетово, кои, според соговорниците, не смеат да бидат злоупотребени за создавање поделби и тензии.
„Тетово е наш заеднички дом. Мирот, безбедноста, благосостојбата и соживотот се наша заедничка одговорност. Во никој случај нема да дозволиме некој да ги злоупотребува децата и да поттикнува меѓуетнички тензии“, се наведува во заедничката порака објавена од Касами на Фејсбук.
На средбата било разговарано и за воспоставување заедничка платформа за соработка меѓу верските институции, училиштата, родителите и граѓанските организации. Преку едукативни, културни и спортски активности се планира поголемо поврзување на младите и надминување на меѓусебните предрасуди.
Според претходно објавените податоци на Министерството за внатрешни работи, во текот на 2026 година на подрачјето на СВР Тетово биле регистрирани 12 инциденти меѓу малолетници од различни етнички заедници.
Од нив, пет случаи се расчистени и преземени се законски мерки, вклучително и прекршочни постапки против родители или старатели. За три случаи со елементи на кривични дела, две кривични пријави се доставени до Основното јавно обвинителство во Тетово, додека третата постапка била во завршна фаза.
Останатите четири случаи, според доставените информации, биле предмет на дополнителни полициски истраги.
Од МВР посочуваат дека постапувањето со малолетници се спроведува во координација со центрите за социјална работа, обвинителството и стручните служби, со почитување на законските процедури.
Касами и верските претставници порачаа дека различностите не треба да бидат причина за поделби, туку основа за меѓусебно почитување и заеднички живот.
