67-годишен лекар усмртен со нож во близина на поликлиника Железара

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со неколку убоди од нож по телото, во неговиот автомобил кај паркингот на поликлиника „Железара“ го пронашле неговите синови 67 годишникот со иницијали А.Т. кој по професија беше лекар.

„Овде кај паркингот на поликлиниката „Железара“ вчера едно лице беше усмртено со нож. Од Јавното Обвинителство, известуваат дека телото на починатиот го пронашле неговите синови“, вели репортерката на ТВ21.

Од МВР објаснуваат дека неговите синови почнале да го бараат бидејќи не се вратил дома од работа. Додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

„На 21.03.2024 во 23:09 часот во СВР Скопје било пријавено дека во сопственото возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, на паркинг пред поранешната клиника Железара, со убодни рани по телото бил пронајден А.Т.(67) од Скопје. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Од Обвинителството велат дека дежурниот Јавен обвинител  изврши увид на местото на настанот и дал наредба за прибирање на сите траги.

„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција, како и наредба за прибирање и анализа на сите траги пронајдени на лице место и за обезбедување на снимки од видео надзор. Се преземаат дејствија за расчистување на настанот“, велат од ОЈО.

Засега не се познати мотивите за убиството. Сторителот не е достапен на органите на прогонот. Во врска со ова реагираше и Лекарската комора од каде велат дека „загубата на лекар е загуба на целокупниот здравствен систем“, од каде велат дека не треба да се толерира ниту еден вид насилство во општеството и поради оваа причина бараат и итно расчистување на случајот.