Полицијата откри нелегална плантажа со канабис во атарот на селото Секирник, Струмичко, при што биле запленети околу 680 килограми растенија канабис.
„СВР Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против З.М.(34) и А.Т.Г.(30), двајцата од општина Ново Село, поради постоење на основи н сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, велат од МВР.
Истрагата открила дека двајцата осомничени, по претходен договор, обработиле скриен дел од парцела во месноста викана „Матник“, каде што во мај 2026 година засадиле и одгледувале канабис со цел производство на марихуана. Во текот на оперативните активности и преземените посебни истражни мерки биле обезбедени докази за вмешаноста на осомничените во одгледувањето на растенијата.
Запрашан каде била полицијата досега и зошто плантажата не била откриена порано, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски изјави дека e постапено веднаш штом биле добиени информации и дека на акцијата се работело подолг период.
-Камо ли, вакви постапки што повеќе да биле спроведувани почесто во минатото, немаше да бидеме на ова дереџе во коешто сме сега. А реакцијата што е во конкретниот случај апсолутно е навремена и факт е дека таа дрога не сме дозволиле да се најде помеѓу нашите улици и нашите граѓани, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Според полицијата, за време на службениот разговор, осомничените признале дека обезбедиле семиња, ја подготвиле земјата и ја создале нелегалната плантажа. По завршувањето на полициската постапка, двете лица биле изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд во Струмица, каде што ќе продолжи соодветната законска процедура.
