Македонскиот банкарски сектор би можел да добие нова сопственичка промена, откако српската АЛТА банка, која минатата година ја презеде Стопанска банка Битола, според информации до кои дојде „Фактор“, е заинтересирана и за преземање на Силк Роуд Банка АД Скопје.
Информацијата засега нема официјална потврда од двете банки. Од АЛТА банка и Силк Роуд Банка не ја потврдуваат, но ниту ја демантираат информацијата, додека официјалните детали за евентуалната понуда за преземање се очекуваат во периодот што следува.
Доколку трансакцијата се реализира, тоа би било второ значајно преземање на македонска банка од страна на АЛТА групацијата во релативно краток период.
АЛТА банка на македонскиот пазар влезе преку преземањето на Стопанска банка АД Битола. Во септември 2025 година, Комисијата за хартии од вредност ѝ даде дозвола на АЛТА банка АД Белград да даде понуда за преземање на акциите на битолската банка.
Понудата изнесуваше 3.777 денари по акција и се однесуваше на 371.538 обични акции. Според Комисијата за хартии од вредност, заедно со акциите што веќе ги поседувале АЛТА банка и лицата со кои дејствува заеднички, понудата опфаќала 100 отсто од основната главнина на Стопанска банка Битола.
Понудата ја прифатија 262 акционери со вкупно 344.420 акции. Нивната вредност по понудената цена изнесува околу 1,3 милијарди денари, односно приближно 21 милион евра.
Силк Роуд Банка, пак, е една од подолго присутните банки на македонскиот пазар. Банката е основана во 1993 година под името Кредитна банка АД Скопје.
Во мај годинава целокупниот акционерски капитал беше купен од „Силк Роуд Капитал“, по што банката го доби сегашното име. Единствен акционер е „Силк Роуд Капитал АГ“ од Цирих, Швајцарија, со 100 отсто од акциите.
Според податоците на банката, Силк Роуд Банка има 14 експозитури и 163 вработени. Ревидираните финансиски извештаи за 2025 година покажуваат дека на крајот на минатата година банката имала вкупна актива од околу 12,2 милијарди денари, односно приближно 198 милиони евра.
Според активата во 2025 година, Силк Роуд Банка била 11-та најголема банка во земјава, со пазарен удел од околу 1,31 отсто. Во истата година банката остварила консолидирана нето-добивка од 176,6 милиони денари.
Во меѓувреме, македонскиот банкарски сектор веќе е во процес на уште една значајна сопственичка трансформација. Австриската „Штаермеркише банк унд шпаркасен АГ“, групацијата која стои зад Шпаркасе Банка АД Скопје, официјално ја објави намерата да ја преземе УНИ Банка АД Скопје.
Планираното преземање се однесува на сите обични акции, односно на 100 отсто од акционерскиот капитал и гласачките права во УНИ Банка.
