7 кандидати на седмите претседателски избори, утре почнува гласањето, денеска гласаат болните и лицата во затвор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Седум кандидати во седмите по ред претседателски избори утре и официјално излегуваат во трката на првиот круг за избор на шеф на државата. Гласачите утре ќе одлучуваат кои двајца ќе влезат во вториот изборен круг кој треба да се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори. Од Државната изборна комисија велат дека се е подготвено за процесот на избори да тече непречено изборниот материјал и читачите за отпечаток од прстот викендов се доставени до Општинските изборни комисии, а денеска се дистрибуираат до сите 3.480 избирачки места. Денеска е изборниот молк, но воедно се одржува и гласањето на старите и изнемоштени лица, се гласа и во казнено-поправните домови како и дијаспората за што од ДИК информираат дека се одвива без проблеми .

„На гласачките места во 14 казнено-поправни установи своето гласачко право денеска ќе може да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено-поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот. Се спроведува и гласањето на 6.935 граѓани во нивните домови кои се пријавиле како болни и немоќни лица, како и 534 гласачи, кои се сместени во пензионерски домови и две внатрешно раселени лица. Гласањето тече без проблеми.“, велат од ДИК.

Покрај гласањето на одредени категории граѓани во земјава, изборниот процес се одвива и за македонските граѓани кои се на привремена работа во странство а кои се пријавиле за гласање во дипломатско конзуларните претставништва.

„Денеска, 2.569 гласачи своето право на глас го остваруваат во 31 гласачко место во ДКП, каде што се пријавиле да гласаат, а чии пријави се прифатени од страна на Државната изборна комисија.“, велат од ДИК.

Вкупно во Избирачкиот список за овие избори се запишани 1.814.317 граѓани со право на глас а карактеристично е тоа што гласањето нема да се одвива како што е вообичаено во деновите од викенд, туку тие ќе бидат во среда. Теоретски изборот на претседател може да се заврши и во првиот круг со оној кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 50% плус еден, што е малку веројатно особено на овие избори кога гласовите ќе се распоредат на 7 кандидати. Изборот за шефот на државата треба да се случи во вториот круг кога ќе се одлучува за двајца кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Сепак и за нивниот избор потребно е исполнување на цензус, односно на изборите да излезат најмалку 40 проценти од запишаните гласачи. Како што е познато избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот, а според неофицијалните најави, првичните информации за изборните резултати од првиот круг на претседателските избори Државната изборна комисија би требало да ги објави пред полноќ на 24 април. Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на претседателските избори. Според информации од ДИК изборите ќе ги следат 342 домашни и 568 странски набљудувачи кои најбројни се од ОБСЕ ОДИХР чиј број изнесува 375.